Шекеринска очекува набавката на армиски униформи да заврши до крајот на годинава 

Во текот на минатата и оваа година Министерството за одбрана успеа целосно да го заврши процесот за набавка на војнички чизми, додека договорот за набавка на воено-теренски униформи е раскинат затоа што избраната фирма не успеала да ги исполни бараните условите и постапката е повторена.

Ова денеска го соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на велешката касарна за свеченоста по повод приемот на нови 125 професионални војници во Армијата, одговарајќи на прашање на МИА ,до каде е постапката за набавка на нови воени и свечени униформи”.

– Јас не случајно реков дека со квалитетот нема да правиме компромиси и тоа што го бараме во постапката, фирмите треба да го испорачаат. Поради тоа договорот беше раскинат и ја повторивме постапката. Се надевам, очекувам и апелирам фирмите да не мислат дека можат да настапат со еден, а потоа да ни подметнат послаб квалитет. Тендерот е објавен и очекуваме поголема конкуренција и интерес. Дадовме шанса и за цени кои одговараат на квалитетот што го бараме и се надевам дека до крајот на годинава овој процес ќе биде завршен, изјави министерката Шекеринска.

Таа воедно информира дека минатиот месец Министерството дополнително започнало и со набавка на свечени униформи и очекува двата процеси да бидат успешни.

Во однос на новинарското прашање за решавање на станбеното прашање на припадниците на Армијата, а за што претходната власт најавуваше изградба на станови за припадниците на АРМ, Шекеринска појасни дека за тоа говорела и на пратеничките прашања пред два месеци и рекла дека шест години се најавувал проектот и не бил решен и пропаднал затоа што од старт не функционирал.

Таа информира дека Армијата брои околу седум илјади припадници, нагласувајќи дека, според неа, е некоректно да се залажуваат војниците дека со изградба на станови ќе можат да се решат сите проблеми.

– Разгледуваме опции како исплатата на станарина што ја добиваат одреден дел на припадниците на Армијата да биде поправедна и да ја ослободиме од злоупотреби. Воедно секаде каде што Армијата има имот што не ни е потребен, можеби ќе се нуди комерцијално, а за возврат да се добијат станови за Армијата. Но, тоа ќе го правиме многу внимателно, бидејќи сите се изгорени од лошите искуства во минатото, потенцира министерката Шекеринска.

Треба да знаете
Последни објави