Постојано сме во комуникација со лозарите. Тоа што можам да ветам е дека нема да бидат сами. Ќе се следи објавувањето на откупните цени и проценката на шеќерните единици, а ако евентуално се појави вишок грозје, од винарниците добивме ветување дека ќе биде откупено, рече денеска министерот за земјоделство Трајан Димковски, одговорајќи на новинарско прашање по посетата на хидросистемот Марена.
Министерството, истакна Димковски, е отворено за разговор и за сите идеи на лозарите за да се помогне на целиот сектор. Последните месец – два се одржани, додаде, состаноци и со нив и со винариите.
-Со лозарите во континуитет сме заедно. Бевме со нив и со проблемите што ги наследивме од 2015 година, кога се работеше за неисплатено грозје од „Повардарие” и „Стефани”. Им се исплатија некаде 1,5 милион евра. Потоа, исто така бевме со нив и минатата година кога се соочуваа со вакви тешкотии, кога за „вранец” и „смедеревка” се одвои еден денар во програмата. Таа ставка е околу 100 милиони денари за исплата кон лозарите. И денеска продолжуваме да разговараме. Проблемот го нотиравме и со винариите и со земјоделците. Затоа ќе бидеме тука со нив и кога велам со нив, велам на правилната страна. Кога зборуваме за објавување на шеќерните единици и одредување на цената, доаѓаме ние како можност преку контролите на Државниот инспекторат за земјоделство, околу следење на објавување на цените и проценката на шеќерните единици, истакна Димковски.
Во овој контекст потенцира дека вагите мора да бидат баждирани.
-Сега верувам се појавија шпекулации дека винариите ќе откупат помалку од минатата година. Според анализите што ние ги направивме, се очекуваат можеби 5-7-10 милиони килограми повеќе на пазарот. Во разговорите со винариите беше речено дека ќе се направат напори тоа да се откупи, информира министерот.
Според него, една сорта грозје може да има различна цена зависно од шеќерните единици и во овој сегмент ќе продолжи соработката со лозарите и винарите. Состојбата ќе се следи.
-Кога лозарите ќе го испорачаат грозјето кон винариите или кога ќе го донесат на откупниот пункт, земјоделците се немоќни . Затоа ние ќе ја искористиме таа можност преку инструментите што ги имаме да не се почувствуваат земјоделците дека се сами и дека се принудени да го дадат грозјето по која било цена. Сезонава, како што сега одик се очекува просечна цена, а ако вака држи времево ќе биде добар квалитетот на грозјето и со подобар квалитет и поголеми шеќерни единици може да очекуваме и подобри цени. Винариите си бараат добар квалитет и подготвени се да платат подобра цена за добар квалитет, рече Димковски.