Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ја прифати поканата од 9 до 11 септември да настапи на меѓународниот турнир „Антонио Алексе“ во романскиот град Орадеа. Покрај македонскиот првак и домаќинот Орадеа ќе настапи и унгарскиот Шолнок. Турнирот ќе се игра по принципот секој со секого. МЗТ Скопје на 10 септември ќе ги одмери силите со поранешниот АБА-лигаш Шолнок, а ден потоа и со романскиот првак Орадеа.
Тренерот на „металците“ Ѓорѓи Кочов на располагање сега има осум кошаркари: Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Ранко Мамузиќ и интернационалецот од Кенија, Нуни Омот, но на подготовките за новата сезона на сениорскиот тим ќе му се приклучат млади и талентирани играчи од сопствените редови.



