Започнува фестивалот „Езерски бисери 2019“ во Струга

Меѓународниот арт фестивал „Езерски бисери 2019“ во Струга од 9-ти до 12-ти август ќе понуди богата програма: натпревари во класична музика и естрада, Гала концерт, мастер класови за учесниците, организирани екскурзии до Охрид и Вевчани, Македонска вечер.

„Езерски бисери“ веќе 17 години гради репутација на еден од најквалитетните арт фестивали во регионот и предизвикува голем интерес за учество. Така во Струга пристигнаа таленти од Русија, Малта, Украина, Романија, Словенија, Молдавија, Србија, Црна Гора, Литванија, Унгарија, Македонија.

Сите фестивалски случувања се во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Натпреварот во класика ќе се одржи денеска, 9.8.2019. со почеток во 11 ч., а натпреварот во програмата естрада е в недела, 11.8.2019. од 11 ч. Настапите ќе бидат оценувани од меѓународно жири.

Публиката ќе може да ги види наградените учесници и највпечатливите музички настапи на традиционалниот Гала концерт кој ќе се одржи в понеделник, 12.8.19. од 21 часот. По него следи свеченото доделување награди.

Во рамките на фестивалот рускиот пијанист Денис Чефанов ќе одржи бесплатен мастер клас за учесниците. Годинава првпат се доделуваат посебни Гран при награди на двата натпревари, па така најдобрите учесници во класика и естрада ќе добијат фестивалска статуетка, парична награда од 1 000 долари и комплет охридски бисери од семејството Филеви. Паричната награда на натпреварот во класична музика ја доделува Фондацијата „Зографски“.

Вечерва, 9.8.2019 од 21 часот во Центарот за култура ќе се одржи избор за Европска убавица, во организација на World Beauty Contest од Москва. Кандидатките за оваа убава титула ќе се претстават во национални костими, во спортско издание и во вечерни тоалети

Треба да знаете
Последни објави