Потпретседателот на италијанската Влада, Луиџи ди Мајо изјави дека неговото Движење 5 ѕвезди не стравува од избори, откако неговиот коалициски партнер, десничарската Лига на Матео Салвини соопшти дека коалицијата се распаѓа и потребни се нови избори.
– Ние сме подготвени, ниту малку не сме загрижени за положбата во владата и никогаш не сме ни биле, нагласи Ди Мајо.
Тој го обвини вториот вицепремиер Салвини, кој според анкетите на јавното мислење убедливо води според популарноста, дека ја користи земјата за лична промоција и поради тоа Италијанците порано или подоцна ќе се свртат против него.
Салвини синоќа истакна дека повеќе не е можно да се надминат разликите во владејачката коалиција и единствен начин да се реши кризата е одржување нови избори. Тој го известил премиерот Џузепе Конте дека коалицијата на неговата партија со антисистемското Движење пет ѕвезди се распаднала и неопходно е колку е можно побрзо одлуката да ја донесат избирачите.