Екипите на Градот Скопје денеска /09.08.2019 година, петок/ ги започнаа градежните работи од проектот за реконструкција на улицата Борис Сарафов, како и изградба на водоводна, атмосферска и фекална мрежа.
Со овој проект целосно ќе се реконструира коловозот на улицата Борис Сарафов на потег од крстосницата со улицата Македонска Војска до крстосницата со улицата Кузман Шапкарев, со вкупна должина од околу 1.700 метри.
На овој потег целосно ќе се отстрани стариот и оштетен коловоз и ќе се постави нов асфалт (АБ 11) со дебелина од 5 см на површина од околу 18.000 квадратни метри.
Покрај улицата, во овој проект е предвидена и изградба на нова водоводна, фекална и атмосферска канализација, на потег од крстосницата со улицата Македонска Војска до крстосницата со улицата Сремски фронт.
Работите на терен ќе ги изведува компанијата Жикол, а рокот за изведба е 90 дена.
За реализација на овој проект Градот Скопје ќе потроши 36,6 милиони денари.