Весникот „Ла верита“ објави и подолга снимка од неколку разговори меѓу Бојан Јовановски -Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев. Во неа се слуша како Боки 13 во детали ги објаснува чекорите како ќе постапи Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во врска со случајот „Империја“ во кој беше осомничен и Орце Камчев.
Боки зборува за три опции.
-Овие три лица со кои што јас договарам, преговарам и ќе се договорам или нема да се договорам. Доколку продолжи СЈО да го работи предметот првата ставка ќе биде укинување на мерката куќен притвор по основи кои што ќе ви ги кажам и датум на којшто ќе ви го кажам. Дали во истиот момент или недела дена или 10 дена подоцна со некакви договори со странски компании што он ги има ќе биде вратен пасошот. Следниот чекор е или истиот момент, што не верувам лично, или подоцна ќе биде вратен пасошот, му вели Боки 13 на Камчев.
Во еден дел од разговорот Боки 13 зборува во шифри- една цигара или две цигари, а ја споменува и обвинителката Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“.
-Доколку се случи таа опција да се настапи со заеднички предмет, ако треба да се даде цела кутија, тоа ја убедувам Лиле Стафанова, ќе се дадат две цигари. Една цигара пушиме ние, вели Боки објаснувајќи една опција која била претходно договарана.
Според она што е слушнато од разговорите објавени досега, Боки 13 ги спомнува Катица Јанева, како и нејзината колешка Лиле Стефанова. Која е третата личност со која Боки преговара не е познато засега. Она што Боки го убедува Камчев, независно од тоа кои се тројцата со кои преговара, дека треба да бидат соодветно третирани.
„Тука е она лично потписник, така да …“ вели Боки, но не е познато за кого станува збор.
Гласот на Јанева се слуша во еден од разговорите, но колку и дали е вмешана Стефанова не е јасно, иако Камчев се обидува да изнуди потврда од Боки дали и таа е во игра.
Камчев: Ме интересира што добивам, како добивам и кога добивам. Не знам, женава влезена ли е во играта со нас, оваа Лиле, влезена ли е? Мене еднаш Чифлиганец ми бараше дуќан за нејзе за стоматолошки ординации. Јас одјебав све тоа.
Боки 13: Кога било тоа.
Орце Камчев: Пред да влезам.
Боки 13: Не знам за претходно.
Орце Камчев: Значи, јас и ти си разговараме, во целата прикаска мора и таа да знае (се прекинува снимката од разговорот)