Иако договорот беше склучен одамна, Илија Несторовски денеска беше претставен како ново засилување на „Дачија арената“ на Удинезе во прва средба со новинарите.
По две сезони во Серија Б со Палермо и уништувањето на надежите дека клубот ќе се врати во елитата, Несторовски повторно ќе биде во италијанската елита.
„Благодарам на клубот за довербата која ја покажа и сакам да им вратам со тоа што го правам најдобро, со голови. Шест години во низа постигнувам двоцифрен број на голови, така што повторн ое целта да се има над 10 голови. Иако во последно време имам и асистенции, главата цел е да се постигнуваат голови“, вели Несторовски.
Тој доби интересно прашање од страна на новинарите: „Многумина се чудеа зошто фудбалер од твој калибар остана две години во Серија Б?“.
„Останав две години бидејќи во првата Палермо испадна и сакав веднаш да помогнам да се вратиме во Серија А. Имав и други понуди, но за мене Удинезе е клуб кој претставува скок во мојата кариера“, додаде Несторовски.