Во последниве неколку недели во Хонгконг се одржуваат масовни антивладини протести, кои честопати се насилни и завршуваат со судири меѓу демонстрантите и полицијата. Протестите во поранешната британска колонија започнаа како одговор на предложениот закон за екстрадиција кој требаше да овозможи пренесување на осомничени во Кина.
Со текот на времето, протестите во овој посебен кинески административен регион прераснаа во протести за поголеми демократски права, како и против полициското насилство.
Кон протестите се приклучија и наставници, вработени во воздухопловството и безбедносниот сектор, што неделава предизвика да бидат откажани дури 224 летови.
Генералниот штрајк доведе до колапс во градот, при што демонстрантите блокираа возови и го зазедоа аеродромот, каде на посетителите им беа дистрибуирани летоци и постери на десетина јазици за да се запознаат со состојбата во градот и барањата на учесниците на протестите.
Овој викенд се закажани нови протести низ Хонгконг, а некои медиуми објавија снимки од претходните митинзи, на кои дојде до судири меѓу антивладините демонстранти и полицијата.
Така, кинески медиуми објавија краток клип од 30 секунди, на кој, како што тврдат, се гледа дека протестите во Хонгконг не се така мирољубиви и спонтани како што тврдат демонстрантите.
WATCH: This 30-second clip shows how "peaceful" protesters in #HongKong express their opinions pic.twitter.com/SxOMj8AAV3
— People's Daily, China (@PDChina) August 9, 2019