Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈПУЗПП “Јасен” – Скопје, ЈУ Национален парк “Маврово” и ЈУ Национален парк “Галичица”, воведе делумна забрана за движење во шумите со кои стопанисува оваа претпријатие. Забраната за движење започнува да важи од денеска 09.08.2019 година, а ќе трае се до нејзино отповикување. Оваа одлука е донесена, со цел за превентивна заштита на шумите од појава на пожари на отворен простор.
Оваа забрaна не важи за вработените на ЈПУЗПП “Јасен” – Скопје, ЈУ Национален парк “Маврово” и ЈУ Национален парк “Галичица”, како и за субјектите кои со дозвола вршат активности од областа на шумарството во границите на овие заштитени подрачја.
За непочитување на оваа забрана од страна на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште согласно член 106 од Законот за шуми ќе им се изрече глоба од 1500 до 2000 евра во денарска противредност.
Исто така се известуваат сите граѓани на Република Северна Македонија дека заради превенција од пожари се забранува палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловишта. За непочитување на одредбите од Законот за ловство се предвидува глоба во износ од 1500 до 3000 евра во денарска противреднст.
Забраната не важи за организирани тури на туристи за туристичко разгледување, кои ќе бидат одобрени со дозвола од страна на ЈПУЗПП “Јасен” – Скопје, ЈУ Национален парк “Маврово” и ЈУ Национален парк “Галичица”.