Вицепремиерот на Италија, Матео Салвини, му порача на американскиот актер Ричард Гир дека со својот приватен авион може мигрантите да ги пренесе во Холивуд и да ги смести во неговите вили.
Салвини го изјави ова откако холивудскиот актер во текот на денот ја повика италијанската влада да престане да ги демонизира луѓето и наместо тоа да им помогне на мигрантите заглавени на Медитеранот, на брод со кој управува шпанска хуманитарна група.
Гир, во знак на поддршка, вчера ги посети мигрантите на бродот „Open arms“ („Oтворени раце“).
Салвини иронично го нарече Гир дарежлив милионер и му се заблагодари на актерот што изразил загриженост за судбината на мигрантите на бродот „Open arms“.
„Тој можеше да ги одведе во Холивуд со неговиот приватен авион и да ги згрижи во неговите вили. Фала ти Ричарде“, рече Салвини во изјава која ја пренесоа британски медиуми.
Гир претходно на прес-конференција на италијанскиот остров Лампедуза ја спореди политичката ситуација во Италија со онаа во САД во контекст на бегалците од Мексико, Никарагва и Ел Салвадор.