Обвинителката во СЈО Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“ кажува за СДК дека шефицата Катица Јанева дала согласност Орце Камчев од притвор во Шутка да се префрли во домашен притвор и со тоа му овозможила да влијае на истрагата. Според неа, тоа се гледа сега кога излегоа снимките од неговиот дом поврзани со случајот на обвинителството за организран криминал „Рекет“. Стефанова е обвинителката која ја споменува Камчев во телефонски разговор кој сам си го снимал додека муабетел со Бојан Јовановски-Боки 13. Разговорот беше објавен во италијанскиот весник „Ла верита“.
Таа вели дека само специјалната обвинителка Катица Јанева и никој друг ги носела одлуките за олеснување на состојбата на Орце Камчев и Цветан Панделески додека биле во притвор.
„Конкретно за ’Империја‘ сметав, и таа тоа многу добро го знае, дека мерката куќен притвор не е соодветна во таа фаза на постапката, бидејќи осомничените не може да ги спречи да влијаат на истрагата. Тоа се покажа точно, гледајќи ги снимените видеа што ги правел Јордан Камчев во време кога бил во куќен притвор“, вели Стефанова.
Според неа, првпат проблем со враќање на пасошите настанал со Цветан Панделески во март 2019.
„Спротивно на мојот став, кој го кажав и на неговите адвокати Стеван и Сашка Павлески, дека Панделески не исполнува ниту еден услов да му биде вратен пасошот, Катица Јанева потпиша согласност. Што се однесува до пасошот на Камчев, таа согласност Катица Јанева ја дала без да бидам информирана, бидејќи бев на одмор. Му ја дала согласноста, дознав од колегите, за да присуствува на семинар и на управен одбор. Колешката Елизабета Јосифовска ми кажа дека наредбата да потпише ја добила од Катица Јанева по телефон. Јас ѝ кажав дека не се дава патна исправа на осомничен со двојно државјанство и со имот поголем во странство отколку во Македонија, бидејќи има опасност од бегство. Колешката постапи по наредбата, бидејќи таа и да сака, не може да ја менува“, вели Стефанова за САКАМДАКАЖАМ.МК.