Сообраќајот на патот Куманово-Крива Паланка е во прекин поради тешка сообраќајка што се случи кај селото Облавце.
Дел од медиумите објавуваат дека најверојатно до сообраќајката дошло во момент кога автомобил кој претекнувал се забил во камион-цистерна, кој потоа се запалил.
На местото на настанот се упатиле повеќе амбулатни возила, противпожарно возило и возила на шлеп служба, а полицијата врши увид.
Едно лице почина, а петмина се повредени во тешката сообраќајна несреќа што се случи денеска во 14:15 часот на регионалниот пат Куманово-Крива Паланка кај селото Облавце, потврди полицијата. Несреќата се случила помеѓу три возила, товарно моторно возило, „Џип Гранд“ со бугарски регистарски ознаки, управуван од 27 годишниот Ф.А од Куманово и автомобил „Алфа Ромео“. Во несреќата починал возачот на џипот а пет лица се повредени и однесени во кумановската болница.
Повредените не се во животна опасност, имаат повреди на екстремитети и посекотини на лицето. Сите се задржани во кумановската болница, изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.
Увидот на полицијата се уште трае, сообраќајот е се уште во прекин.