Шампионите од Премиер лигата, Манчестер сити и покрај тоа што ВАР системот првпат во историјата на англиската елита им поништи гол ја стартуваше сезоната со убедлива 5:0 победа на гостувањето кај Вест хем.
„Граѓаните“ на Пеп Гвардиола имаа доста „проблеми“ со ВАР-системот, кој дебитира во Премиер лигата, откако им беше поништен еден гол, еден гол им беше признат, а во финишот на мечот одбранетиот пенал обид на Серхио Агуеро беше повторен по видео-интервенција за во вториот обид да биде прецизен.
Габриел Жесус во 25. минута ги донесе гостите во водство, но мечот беше решен во второто полувреме, кога Рахим Стерлинг прво во 51. минута постигна гол, за само две минути ВАР-системот да ја поништи неговата асистенција кон Жесус за 3:0. Стерлинг во 75. минута повторно се запиша во листата на стрелците, и повторно беше консултиран ВАР, но овојпат голот беше признат.
„Неславното“ деби на технологијата продолжи во 84. минута од мечот, кога по досудениот пенал, Лукаш Фабијански му ја „фати жива“ топката на Серхио Агуеро, но системот одреди дека тој прерано ја напуштил гол-линијата и пеналот беше повторно изведен и овојпат Агуеро немаше мака. Конечните 5:0 ги постави Стерлинг, комплетирајќи го хет-трикот во 92. минута.