Никој досега не вршел каков било притисок за некој предмет во Државната комисија за спречување на коруцпијата. Доколку тоа се случи има законска заштита и за тоа ќе биде известено Собранието, изјави претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска во интервју за ТВ 24 вести.
-Досега ниту од премиерот, ниту од некој друг сме добиле некакви наредби или сме имале какви било притисоци. Доколку имаме такви ситуации тогаш си имаме законска заштита и за тоа ќе го известиме Собранието. Ќе известиме дека врз Антикориупчциска се прават такви и такви притисоци. Досега немало и затоа не сме го искористиле тоа право – вели Ивановска.
Таа појасни дека во случајот со градоначалникот на Сарај, единствено постапиле само повикувајќи се на членовите што ги прекршил и не постапил по барањето за легализација на времен објект кој, како што рече, по сите закони нема основ да биде легализиран.
За предметот за можна корупција во тендер во М-НАВ, рече дека добиле поприлична документација што ќе бара многу работа и додаде дека ќе биде повикан и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски доколку има потреба за тоа што, како што вели, е наша пракса во досегашните предмети.
Таа рече дека се работи на случајот и за становите на Водно на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и информира дека се испитува целиот негов имот, а не само тие станови.
Предметот, како што појасни може да се работи, бидејќи е отворен додека бил сѐ уште на функција. Посочи дека не можат да работат на предмети што се однесуваат на поранешни функционери, но истакна дека за тоа има други институции во државата што можат да го прават тоа.
Во интервјуто најави дека Комсијата сигурно ќе бидат отворени предмети и за објектите од Скопје 2014.
-Ако не биде есенва, сигурно ќе биде отворен следната година. Главната точка што ќе ја подготувавме за следната година ќе биде предмет за урбаната мафија, градежништвото и сигурно тука ќе си најде дел и проектот „Скопје 2014, рече Ивановска.