Ракометната репрезентација на Македонија до 19 години го претрпе вториот пораз на Светското првенство во Скопје против фаворитот Данска 26:29. Данците имаа повеќе концентрација и сили во завршницата од средбата и дојдоа до нови бодови кои ќе им го донесат првото место во групата Ц.
Избраниците на Данило Брестовац по низата од две победи пружија добра борба, но немаше сила за изненадување. Данска подобро го отвори мечот и поведе со 2:5, но потоа следуваше наша серија од четири гола. Имавме напад и за два позитива, но откако не реализиравме, противникот одговори во иста мера и се одлепи на 6:9 а потоа имаа и највисоки +4 (8:12). По нашиот тајм-аут, ги консолидиравме редовите и на пауза заминавме со два негатива (11:13).
Второто полувреме почна како првото, па Данска за пет минути ја зголеми предноста на13:19. Но не се предадовме, полека ја топевме предноста на противникот и на пет минути до крајот дојдовме до 25:27. Имавме и напад за минус еден, но неспретно реагиравме со фаул во напад па Данска одново се одлепи и славеше со 26:29.
Мартин Серафимов со 9 погодоци беше најдобар стрелец во редовите на Македонија, а Ненад Костески реализираше шест погодоци.
„Црвено-жолтите“ имаат обезбедено пласман во осминафинале а во последното коло ќе бркаат победа за подобар пласман. Наш следен противник е селекцијата на Јапонија, која е втора на табелата со шест бода. Мечот е на програмата утре со почток во 20:30 часот.