Осомничениот за пукањето во џамија во Норвешка во саботата и за убиството на неговата полусестра не ги признал злосторствата и не сакал да разговара со истражителите, изјави денес неговиот адвокат.
„Тој го користи правото да не биде сослушан и не ја признава вината“, рече неговиот адвокат Уни Фрис за „Ројтерс“.
Судот треба да донесе одлука за барањето на полицијата да го задржи 21-годишниот осомничен во следните неколку недели.
Полицијата вчера соопшти дека пукањето го испитува како обид за извршување терористички акт.
Најмалку едно лице е повредено во пукање во џамија во Норвешка.
Осомничениот напаѓач во исламскиот центар Ал Нур кај Осло е опишан како „млад белец“.
Напаѓачот, облечен во заштитен елек, бил совладан од верниците пред да пристигне полицијата.