Заменик-министерот за миграција на Грција, Јоргос Кумуцакос, рече дека оваа година протокот на мигранти е зголемен за 44 проценти во однос на истиот период во 2018 година, пренесува АНА-МПА.
Кумуцакос посочи дека минатиот месец е формиран нов „коридор“ на прилив на мигранти и бегалци меѓу Александрополис и Самотраки, додавајќи дека тоа создава дополнителен притисок врз веќе тешката состојба.
Тој ја обвини претходната грчка влада за лошите резултати на реадмисија и истакна дека Турција не успеа да ги искорени „прстените“ на тргоцвците со луѓе и поради нејзиното неефикасно надѕирање на брегот.
Кумуцакос потврди дека неговото министерство разработува предлог на ниво на ЕУ за реадмисија и е во контакт со Република Кипар и другите земји членки на ЕУ за поддршка на грчкиот предлог.
Тој рече дека најголем приоритет на грчката влада е заштита на границите и строг надзор на критичните точки, како и намалување на бројот на мигранти на грчките острови и забрзување на постапката за азил заради ефикасност и усогласеност со меѓународното право.