Судење за случајот „Титаник“ денеска продолжи во Кривичниот суд. Поради новонастанатата ситуација во СЈО, адвокатот Петар Василев побара рочиштето да биде одложено, но судијата Осман Шабани не дозволи да се одложи.
-Поради новонастанатата ситуација во СЈО и се што беше објавено во јавноста, се доволна причина да се одложи денешното рочиште. Немаме намера да ја одоговлекуваме постапката, туку да се даде простор се да се расчисти, рече адвокатот Василевски.
Судијата Шабани кажа дека нема причина судењето да запре.
-Има надлежен обвинител и тој ќе расчистува што треба да се расчисти. Ние не можеме да упаднеме во нивната надлежност, рече судијата Шабани.
На ова Василев рече дека одложувањето го бара поради оставката на Катица Јанева, на што судијата му одговори дека оставката е условена, и дека ако биде констатирана тогаш ќе се одлучува како да постапи судот.
Рочиштето продолжи со изведување на доказите за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, од страна на обвинителката Лиле Стефанова.
Таа денес го привлече вниманието на јавноста бидејќи е обвинител кој ја води истрагата за случајот „Империја”, за кој пак наводно осомничените во „Рекет“ , Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец, земале мито од осомничениот Орце Камчев.
За потребите на истрагата „Рекет“, обвинителката Стефанова утре ќе сведочи во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Во овој случај обвинети се 21 лице, меѓу кои и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Илија Димовски, Мартин Протоѓер и Кирил Божиновски. Исто така обвинети се и разузнавачот Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Обвинета е и поранешната заменичка на министерот за правда, Билјана Бришкоска Бошковски.
Според обвинението на СЈО обвинетите се гонат за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.