Сите замешани во случајот кои прекршиле закон да си одговараат со соодветни казни, во транспарентна правосудна постапка. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви.
„Жалам ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, но останувам на моите определби за кои претходно зборував, како и на вербата во вредностите за кои отсекогаш сум се борел. Нема да дозволиме на непријателите на нашата земја да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.“
Ова во краткото интервју за МИА го истакнува премиерот Зоран Заев во врска со реакциите што ги предизвика неговата синоќешна изјава во Клубот на пратениците.
Криминалци, педери, суетни и идиоти, претешки формулации. Отворивте фронт со сите? Господине Заев ова за вас не е дискриминација, закана, ако го земте јавно изреченото од Вас како премиер?
– И јас и Владата, цврсто стоиме во одбрана на слободата на изразувањето, слободата на медиумите и во одбрана на човековите права на сите индивидуи во нашата земја. За мене и за Владата сите луѓе се еднакви. Не правиме разлики врз основа на верска, етничка, социјална, политичка, сексуална или каква било друга основа. Заедно со сите граѓани посветено го градиме и ќе продолжиме да го градиме концептот на едно, заедничко и фер општество за сите. Владата цврсто стои на својата определба за недискриминација и за почитување на различностите на сите заедници во земјата, вклучително и ЛГБТИ заедницата. Во Северна Македонија нема веќе напади врз ЛГБТ лица, се одржа слободна и безбедна парада, а сексуалната определба е вклучена во измените на новиот Закон за антидискриминација, за кој опозицијата гласаше против.
Во однос на случајот „Рекет”, сметам дека секој граѓанин, без разлика дали е политичар или новинар, има обврска кон правната држава и кон јавниот интерес сите индиции и информации за злоупотреби да ги пријави во истражните органи, како што тоа јас прв го направив. Примарна цел во расветлувањето на случајот „Рекет” мора да биде јавниот, а не личниот интерес. Како што јавно, без предрасуди верувам и се залагам за праведно општество, исто така го почитувам и сопственото право со термини и речник што го користи секој наш граѓанин да посочам на поединци или појави што се негативни во општеството.
Зборувам за карактери на луѓе и нивно однесување. И како што од дно на душата ги почитувам и промовирам суштинските вредности на новинарската професија, а тоа се целосната слобода на говор, изразување и критика, така имам полно право да дадам и карактеристика дали некој суетно или со други намери креира впечаток во јавноста.
И се извинивте на ЛГБТ заедницата, но медиумските организации го дефинираа ова како закана, атак врз слободата на новинарството и суетност на власта која треба да знае да трпи критика!?
– Во изминатите две и повеќе години целосно ја отфрливме востановената режимска пракса на претходната власт да се вршат притисоци врз новинари, да се контролираат меидуми и да се користат државни ресурси за масовни рекламни пропаганди преплатени со пари на граѓаните. Во овие две години Министерството за внатрешни работи постапува по случаите на закани и напади од минатото врз сите граѓани, и не служи веќе како апарат за репресија. Општеството е целосно растеретено и ослободено од режимскиот притисок, а со тоа и значително е намален бројот на закани и напади, и кон новинарите и кон ЛГБТИ лицата.
Медиумските организации и новинарскиот еснаф се целосно вклучени во сите медиумски реформи кои беа обезбедени за демократизација и професионализација на медиумската сфера до сега, а нивната улога во реформите останува клучна и во периодот којшто следува. За подигнувањето на степенот на слобода и на условите за професионално и демократско работење на медиумите и новинарите говорат бројките и индикаторите на меѓународните организации кои се бават со слобода на изразување, како што е Репортери без граници.
Во исто време, моја обврска како премиер е да ги информирам граѓаните за сите појави во општеството и нивната позадина. Ова во никој случај не значи никаква закана, ниту застрашување, влијание или притисок врз било кого во неговата работа, без оглед какви се намерите. Ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, навистина жалам и затоа го давам ова појаснување, но останувам на моите определби за кои претходно зборував како и на вербата во вредностите за кои отсекогаш сум се борел.
А, зошто под квалификативот ,,еден суетен новинар” се препознал новинарот Бранко Геровски тоа треба него да го прашате.
Неспорно е дека станува збор за информациска војна, претседателот Пендаровски ова го дефинира и како загрозување на националната безбедност и апелира, без да се нарушува слободата на изразување, внимателно да се проверуваат информациите пласирани од различни страни, затоа што некои немаат цел да ја информираат јавноста, тука да ја поткопаат вербата на граѓаните во правдата и државните институции. Која е Вашата дефиниција? Колку сето ова е во функција на спречување на евроатлантските аспирации на земјата и колку може да влијае?
– Ова е оној дел од борбата за конечна победа на правдата и демократијата врз криминалот и манипулациите за кој велам дека е трауматичен, но неопходен.
Овој случај покажува дека нашата борба има смисла и резултат. Институциите функционираат и заедно со граѓаните покажуваат сериозен отпор на неправилностите. Секаде во светот, во која било земја каде власта одлучно и искрено создавала услови да се отвораат истраги каде што имало и најмало сомневање, секаде било тешко и трауматично. Нема да е лесно и кај нас. Ќе биде тешко, но вака стануваме држава каде владее правото, само така ќе бидеме држава каква што сите посакуваме.
Северна Македонија е подготвена за предизвиците со кои постојано се соочуваме на патот до влез во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Не сме ни први ни последни кои се соочиле со противници кои ставаат препреки на интеграцискиот пат.
Но, граѓаните да бидат спокојни, државата има капацитети и со поддршка од јавноста и од западниот демократски свет нема да дозволиме на непријателите на нашата земја да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
Јавните пораки ги слушаме – има ли други пораки од меѓународната заедница и Брисел?
– Пораките од западниот демократски свет се јасни, недвосмислени и идентични со оние на граѓаните на нашата земја. Тоа значи дека тие очекуваат целосно и неселективно расчистување на сите случаи на корупција и дека институциите на системот се должни во брза и ефикасна постапка да ги расчистат актуелните случаи, а притоа без одлагање да се процесуираат предметите кои произлегуваат од незаконското прислушување од минатото.
Партнерите од меѓународната заедница очекуваат да продолжат напорите на политичките партии за усвојување на Законот за јавно обвинителство во Собранието на РСМ, како и дека заедничка цел на сите политички фактори треба да биде позитивна одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија во октомври оваа година.
Кога очекувате разврска за „Рекет”, кажавте дека нема никој да биде поштеден, ама како и кога?
– Барам и очекувам темелна, многу прецизна, брза и независна истрага, која мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, исклучиво согласно докази и согласно словото на правото.
Потсетувам дека прв го пријавив случајот, и во тоа својство, и како граѓанин и како премиер имам целосно право да барам сите замешани во случајот кои прекршиле закон да си одговараат со соодветни казни, во транспарентна правосудна постапка. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви.