Повеќе од 950 патнички возови денеска не сообраќаат поради штрајк на вработените во шпанскиот железнички оператор „Ренфе”. Денеска се спроведува вториот, од планираните четири штрајка. Првиот беше на 31 јули, а следните се закажани за 30 август и 1 септември.
Штрајкот е организиран од Генералната конфедерација на трудот (ЦГТ). Синдикатот бара да не се намалува бројот на вработени во „Ренфе”, каде во моментот работат 14.000 лица.
Штрајкот се случува пред „продолжен викенд” кога многу Шпанци планираат патувања во различни региони. Сепак, поголемиот дел од патниците ги избегнаа непријатностите, со оглед на тоа дека штрајкот беше одамна закажан. Исто така, шпанските власти побараа од „Ренфе” и покрај штрајкот да одржат минимално ниво на услуги.