Компаниите Си-Би-Ес (CBS) и Вајаком (Viacom), што се сметаат за гиганти на програмата за забава, треба да се спојат според нов деловен договор. Тој потег ќе следи за да се прилагодат на променливите потреби на публиката, јави Би-Би-Си.
Новата компанија ќе има приход од над 28 милијарди долари, а ќе вклучува брендови како MTV, Comedy Central и Showtime.
Новиот договор ќе спои две компании што беа под ист корпоративен чадор пред расколот во 2006 година. Потегот се презема во услови на зголемената популарност на конкуренцијата од Нетфликс, Дизни и други ривали.
Заедничката компанија ќе се вика ВајакомСи-Би-Ес (ViacomCBS) и ќе биде контролирана од холдинг компанија во сопственост на милијардерот Самнер Редстоун и неговата ќерка Шари.
Во изминатиот период се случија најмалку три обиди за спојување, но сите пропаднаа поради судир на директори и инвеститори околу тоа кој ќе ги добие најдобрите позиции. Сега е објавено дека извршниот директор на Вајаком, Боб Бакиш, ќе биде претседател и извршен директор на заедничката компанија, додека привремениот извршен директор на Си-Би-Ес, Џо Јаниело, ќе биде именуван за претседател и шеф на Си-Би-Ес.
Компаниите очекуваат заштеда од околу 500 милиони американски долари годишно по спојувањето.