Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа се закани дека САД ќе излезе од Светската трговска организација (СТО), која остро ја критикува, бидејќи според него, ја префереира Кина на штета на САД.
– Ако треба ќе ја напуштиме Организацијата. Со години не мачат и тоа нема повеќе да се повтори, посочи Трамп.
Тоа не е прва закана од Трамп за излегување на САД од СТО. Тој за време на предизборната кампања СТО ја оцени како „застарена”. Додека минатото лето Трамп истакна дека СТО „многу лошо” ги третира САД и оти доколку Организацијата не се реформира Вашингтон ќе го суспендира членството.
Американскиот претседател кон крајот на минатиот месец побара СТО да се реформира и да не им дава посебен третман на земјите во развој. Администрацијата на Трамп долго време ја обвинуваше СТО и нејзините членки, првенствено Кина, дека го злоупотребуваат статусот на земји во развој, кој дозволуваше пролонгирање на примената на некои договори или заштита на некои подрачја.