Во мај минатата година, тројца од обвинетите создале и организирале криминална група за криумчарење мигранти на која се придружиле и останатите обвинети лица. Во периодот од мај 2018 година до февруари 2019 година групата организирала криумчарење на илегални мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак и Бангладеш. Организаторите на криминалната група во нашата држава заедно со организатори на криминална група во Р.Грција го договарале бројот на илегалните мигранти што треба да бидат пренесени од Р.Грција на македонска територија, времето и местото на преносот. Тие го определувале бројот и видот на возилата што ќе бидат употребени за прифаќањето и превозот на мигрантите, распоредот односно редоследот на движење на возилaта во двата правци, вршеле поделба на задачите на секој член од групата и го определувале начинот на меѓусебна комуникација.
Мигрантите, најнапред со помош на водичи т.н. “качаци“ како предводници на групата илегално пеш преку т.н. “зелена граница“ биле пренесувани од Р.Грција до договорена локација во околината на Гевгелија, Богданци, Дојран, Струмица и Радовиш. Таму други членови на групата со патнички и товарни моторни возила ги преземале и се упатувале кон кумановско – липковскиот регион. При превезувањето, дел од членовите имале улога на т.н.„чистачи“ и преку „телефонска – конференциска врска“, ги известувале возачите за поставеноста на полициски патроли на рутата по која се движеле возилата и им давале насоки да го сменат правецот на движење кон некоја од претходно извидените попатни локации. Мигрантите биле времено сместувани и засолнувани, во објекти на соработниците на криминалната група во с.Ваксинце и с.Лојане, а потоа преку македонско – српската граница заминувале на територијата на Р.Србија од каде биле криумчарени кон државите на Европската Унија.
Еден од организаторите остварувал контакти и средби со обвинетиот полициски службеник од кој добивал известувања за поставеноста на полициски патроли, контроли или заседи, информации дали криминалната група е предмет на истрага, како и насоки за прикривање на криминалното делување. За помошта полицискиот службеник добивал паричен надомест во износ од 200 евра по возило. За криумчарењето преку македонската територија главните организатори наплаќале од 150 евра до 300 евра по лице – илегален мигрант, кои парични средства понатаму биле распоредувани на членовите на криминалната група во зависност од нивната улога во извршениот транспорт.
Воедно со Обвинителниот акт, надлежниот обвинител достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за девет обвинети лица.