Со сослушување на сведоци предложени од одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „ТНТ” на Специјалното јавно обвинителство кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос” на бизнисменот Фијат Цаноски.
Пред почетокот на судењето, веднаш по констатирањето на присутните претседателот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев рече дека на една минута пред да влезе на судење добил барање за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднесено од обвинетиот Тони Трајковски, поранешен градоначалник на Гази Баба.
Барањето, како што рече во изјава за медиуми, го поднел поради сомнеж за поврзаност на специјалната обвинителката Јанева со Адриан Амзоски, овластеното лице на фирмата „Дрим билдинг” од Струга, кој бил и управител на фирмата ТД „Фине” што го градела објектот „Космос”. За него Општина Гази Баба поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за градење спротивно на одобрението за градба, а ОЈО го процесуирала обвинителниот акт до Сосновниот суд Скопје 1. Јанева, пак, на нејзино барање го презела случајот и веднаш ја повлекла кривичната пријава, а по два месеца Амзоски донирал повеќе од 16 милиони денари на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.
-Во фаза на закажување рочиште од страна на Основниот суд Скопје 1 по кривичната пријава, Јанева го презема случајот од колегите од Обвинителството и го повлекува тој обвинтелен акт без да достави докази. Се сомневаме за поврзаност на повлекувањето на пријавата со потпишувањето на договорот за соработка на „Дрим билдинг” со Меѓународниот сојуз по два месеца од повлекувањето на обвинителниот акт, изјави Трајковски.
Нагласи дека очекувал од морани причини Јанева сама да побара изземање од случајот ТНТ.
-Но, кога не го стори тоа, денеска официјално со писмен поднесок го направив јас, имајќи во предвид дека фирмата „Дрим билдинг” има потпишано договор со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски што го дознав од медиумите. Од документите што ги добив се гледа дека фирмата во 2017 година има остварено помалку вкупни приходи од сумата од преку 16 милиони денари што ја уплатила на Меѓународниот сојуз. Симптоматично е од каде се парите на фирмата и зошто потпишувањето на договорот следи само два месеца по повлекувањето на обвинителниот акт по започнатата кривична постапка во Основниот суд Скопје 1 против обвинетиот Амзоски, изјави Трајковски.
Прецизира дека кривичната пријава против Амзоски лично ја повлекла специјалната обвинителка Јанева, што, додаде, е забележано во еден од извештаите на СЈО.
Бара да добие објаснување зошто Јанева ја повлекла кривичната пријава без да се изведат соодветни докази и да се изнајдат дополнителни аргументи, како и без соодветни изјави од било кој од учесниците во постапката, кои биле мотивите и дали постапувала законски.
Ставрев рече дека денешното судење ќе продолжи, а судот дополнително ќе се изјасни по барањето, кое како што рече, немал време да го разгледа.
Во предметот „ТНТ”, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос” на Фијат Цаноски. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а застапник на обвиненито е Бурим Рустеми од СЈО.



