Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува жалење за прерано загубениот живот на Никола Христовски и ги повикува надлежните институции сериозно да работат на превенцијата на делата од омраза.
– Институциите мора со најголемо внимание, ефикасност и темелност да му пристапат на овој случај, да ги обезбедат сите докази и согласно тоа да го квалификуваат делото и да ја водат постапката против сторителот, кој согласно закон би бил изведен пред суд и казнет соодветно. Основното јавно обвинителство мора да ги разгледа сите индиции и да испита дали упатуваат на тоа дека овој настан претставува дело од омраза и соодветно да го квалификува, се вели во соопштението.
Од Хелсиншкиот комитет потсетуваат дека во текот на 2018 година регистрирале рекорден број инциденти сторени од омраза. Според нив, ваквиот тренд продолжува и во 2019 година, каде заклучно со јуни евидентирани се вкупно 109 случаи. Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64 отсто од сите регистрирани инциденти, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство на жртви и сторители се млади лица.
– Делата од омраза не се случуваат во вакуум, тие се насилна манифестација на предрасуди која понатаму продира во пошироката заедница. Поради тоа неопходно е да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото со преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, со посебен фокус на децата и младите луѓе, се наведува во соопштението.