Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изрази поддршка за напорите на Венецуела да се спротивстави на „обидите на САД да ја сменат законски избраната влада”, јави ДПА.
Шојгу овој став го изразил на денешната средба со својот венецуелски колега Владимир Падрино Лопез во Москва, јави руската државна агенција повикувајќи се на извадоци од нивниот разговор.
„Ние ги поддржуваме напорите на владата за спроведување независна надворешна политика и борбата против обидите на САД да ја сменат законски избраната влада”, кажал Шојгу.
Русија е еден од најсилните поддржувачи на социјалистичката влада на Венецуела, која во изминатите години обезбеди кредит од милијарди долари за оваа јужноамериканска држава.
Во услови на недостиг од храна и лекови, на економија зависна од извозот на нафта, Венецуела се наоѓа на работ на колапс, поттикнат од масовните протести на противниците на претседателот Николас Мадуро.
Соединетите американски држави го осудуваат Мадуро и го поддржуваат неговиот политички ривал, лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател, пренесе ДПА.