Техеран не дал никакви гаранции дека супертенкерот „Грејс 1“ ќе се држи подалеку од Сирија по ослободувањето од надлежните органи на Гибралтар, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави, пренесува „Спутник“.
„Иран не даде никакви гаранции дека танкерот ‘Грејс 1’ нема да се упати кон Сирија. Уште од почеток велевме дека Сирија не е дестинација на танкерот. Сепак, дури и да се упати кон Сирија, тоа ќе биде исклучиво наша работа“.
Мусави потсети дека Техеран го поддржува Дамаск во сите сфери, вклучително и со нафтата и енергијата, пишува иранската новинска агенција „Тасним“.
„Овие активности се легални и ниту една трета земја не е вклучена во нив. Иран ќе ја продаде својата нафта на кој било клиент, стар или нов“, нагласи тој.
Супертенкерот „Грејс 1“ под знаме на Панама беше запленет од Гибралтар на 4 јули под сомнение дека пренесува сурова нафта во Сирија, прекршувајќи ги санкциите на ЕУ. Во четвртокот главниот министер за Гибралтар, Фабијан Пикардо, потврди дека примиле барање на САД за запленување на „Грејс 1“, но тој одлучил да го ослободи бродот.
„Гибралтар крониклс“ објави дека властите на Гибралтар решиле да го ослободат танкерот откако Техеран дал писмени гаранции дека бродот нема да го достави својот товар во Сирија.