Индија ќе се придржува кон своите преземени обврски прва да не употреби нуклеарно оружје, но нејзината идна политика ќе зависи од ситуацијата, изјави индискиот министер за одбрана Раџнат Синг.
Аналитичарите, цитирани од британските медиуми, сметаат дека со оваа изјава Синг воведува ново ниво на нејасност во главната индиска доктрина за национална безбедност.
Индија во 1998 година се прогласи за нуклеарна сила, откако истата година спроведе подземни тестирања. Непосредно потоа и Пакистан го следеше нејзиниот чекор.
При посетата на Похран, место во западна Индија каде се изведуваат нуклеарните тестирања, Синг му одаде почит на покојниот поранешен премиер и почитуван лидер на владеачките хиндуистички националисти, Атал Бихари Ваџпаи, затоа што Индија ја претвори во нуклеарна сила.
-Похран е областа која е сведок на цврстата одлучност на Атал да ја претвори Индија во нуклеарна сила и, сепак, да остане цврсто посветена прва да не нанесува нуклеарен удар, рече министерот.
„Индија децидно се придржува кон оваа доктрина. Што ќе се случува во иднина ќе зависи од околностите”, додаде тој.