Министерот за здравство Венко Филипче упати јавен и отворен повик до опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во кој бара со своите експерти и кадровски капацитети да се вклучат и да учествуваат во сите работни тела во проектот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје.
Повикот за транспарентност, велат од Министерството за здравство, има за цел да им покаже на сите дека се е јавно и дека вистински интерес се токму граѓаните и создавање функционален Клинички центар за нивните потреби.
– Да бидеме конструктивни за доброто на државата. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат и да ја следат работата на сите тела вклучени во проектот за изградба на нов Клинички центар во Скопје. Ова е единствен начин ваков голем проект да успее за доброто на граѓаните на државата. Заедно да бидеме дел од еден успешен проект. Транспарентно, заеднички да покажеме дека интерес ни се граѓаните, а не собирање политички поени. Отворени сме за соработка, ве очекуваме да бидете дел од работните групи, вели министерот Филипче во својот јавен повик.