Германскиот министер за финанси Олаф Шолц ќе се натпреварува за прв човек на социјалдемократите, јави денеска магазинот „Дер Шпигел”, со што тој ќе се приклучи во трката за обновување на популарноста на партијата откако влезе во коалиција со конзервативците на канцеларката Ангела Меркел.
Доколку Шолц успее во намерата да ги предводи Социјалдемократите (СДП) тој ќе внесе поголема стабилност во кревката „голема коалиција” на канцеларката Меркел, на која СДП и се приклучи една година по изборите во 2017 година.
-Подготвен сум да се натпреварувам, доколку Вие тоа го сакате од мене, ги цитира „Дер Шпигел” зборовите на Шолц.
Тој ќе биде најзначајниот кандидат во оваа трка, а неодамнешната анкета на јавното мнение покажа дека тој е втор фаворит меѓу Германците за следен канцелар.
Поддршката за СДП е речиси преполовена, на само околу 12 отсто, откако партија им се приклучи на конзервативците на Меркел во владата, а левичарите во партијата сакаат таа да ја напушти коалицијата и да биде опозиција.
Шолц ги одбива овие барања тврдејќи дека неговата партија е посветена на тоа да го истурка својот целосен мандат до 2021 година.
Меркел веќе се изјасни дека нема да се натпреварува за својот петти мандат, и се очекува нејзината штитеничка Анагрет Крамп-Каренбауер да ги предводи конзервативците на следните избори.
СДП во јуни именуваше тројца преодни лидери кога лидерката Андреа Нахлес поднесе оставка, поради тешкиот пораз на мајските избори за Европскиот Парламент.
За нов лидер на партијата во октомври ќе треба да гласаат околу 400.000 членови на СДП. Рокот за пријавување за партиските избори завршува на 1 септември, пренесоа британските медиуми.