Најмалку четири лица загинаа денес, а 20 се повредени во силната експлозија што одекна за време на молитвата во џамија во Кати, југозападен Пакистан.
Шефот на локалната полиција Абдул Али изјави дека бомбата најверојатно била поставена во самата џамија и била активирана со далечински управувач.
Жртвите, додаде тој, биле пренесени во блиските болници во Кети, главниот град на провинцијата Балучистан.
Никој не ја презеде одговорноста за нападот досега, а агенцијата АП потсетува дека за претходни слични напади во Балучистан се обвинети пакистанските екстремисти.
Полицијата стравува дека бројот на жртвите ќе се зголеми.
Во експлозијата загина и имамот на џамијата која е оддалечена 25 километри од Кета, јави „Ројтерс“.
Друг службеник на полицијата изјави дека бомбата била поставена во џамијата под дрвено столче што го користел имамот.