Универзитетите од Северна Макеоднија и годинава не се најдоа на Шангајската листа на најдобри 1.000 универзитети во светот.
На листата на Академско рангирање на светски универзитети за 2019 година, на прво место 17-та година по ред е Универзитетот Харвард, на второ Стенфорд од САД, а на трето британскиот Универзитет Кембриџ.
Во првите десет најдобри универзитети се и МИТ, Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калтеч и Чикаго.
Во Европа, по Кембриџ и Оксфорд, најдобро рангирани се Универзитетот во Лондон, Универзитетот Цирих, британскиот Империјал колеџ и Копенхашкиот универзитет.
Од земјите во регионот, најдобро позициониран е Националниот универзитет во Атина меѓу 300 и 400 место, а Солунскиот „Аристотел”, Белградскиот и Загребскиот се меѓу 400 и 500 место. Љубљанскиот е меѓу 500 и 600, Мариборскиот и Сплитскиот меѓу 700 и 800, а на Шангајската листа се уште и универзитетите во Софија и во Нови Сад, кои се позиционирани меѓу 900 и 1009 место.
Најдобриот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј”, на светската ранг листа е 1.568-ти. На национално ниво втор е Штипскиот „Гоце Делчев” (3.279 во светот), трет е Универзитетот на ЈИЕ (3.881), четврти Државниот универзитет во Тетово (4.912), а на пето место е Битолскиот „Св. Климент Охридски” (5.697).
Шангајската листа, што секоја година ја објавува универзитетот Циао Тонг од Шангај, е една од највлијателните листи која ги рангира најдобрите универзитети во светот.
Клучни критериуми за рангирање на универзитетите, меѓу другото, се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, бројот на добитници на Нобелови награди и Филдсови медали кои студирале на универзитетот или работат таму.