Најмалку пет лица загинаа, а 11 други беа повредени во експлозија што се случи во медреса во пакистанската провинција Балучистан, јавуваат пакистанските медиуми.
Според пакистанската информативна веб-страница „Дон“, причината за експлозијата не е утврдена. Повредените во експлозијата се пренесени во болницата „Квета“. Претставник на локалната полиција за медиумите изјави дека експлозијата предизвикала голема штета на медресата.
Од јуни годинава, зачестеноста на нападите се зголеми. На 23 јули најмалку три лица загинаа, а 18 беа повредени во напад со бомба во областа Источен Бајпас. На 30 јули загинаа пет лица, а 30 лица беа повредени во напад на полициска станица.
Претходно годинава Пакистан распореди армиска дивизија за заштита на интересите во развојните проекти на Кина-Пакистан, вклучително и оние во регионот Балучистан.
Пакистан се соочува со бунт во Балучистан од 1947 година, при што националистичките организации се борат да создадат независна држава.