Изјава за медиуми, Горан Герасимовски, Претседател на ОО СДСМ Центар
„Почитувани Центарци,
Кон крајот на јуни најавивме инфраструктурна офанзива и работно лето во Општина Центар.
Најавивме реконструкција, рехабилитацијаи изградба на десетина улици и тротоари во населбите Водно, Буњаковец, Дебар Маало, Маџир Маало и Капиштец, но и изградба и обнова на детски и спортски игралишта на територијата наопштината.
Зборот важи!
Во изминатите месец и половина, екипите се постојано на терен. Реконструираме коловози, обновуваме атмосферска, фекална и водоводна улична мрежа, а резултатите се повеќе од видливи.
Во рекордно време завршивме со реконструкција на улицата „Рилски Конгрес”- Локалитет Тасино Чешмиче во Општина Центар, која заради големите оштетувања на асфалтниот слој ја загрозуваше безбедноста на возачите и пешаците. За само една недела улицата беше вратена во функција, целосно подготвена за безбедно одвивање на моторниот и пешачкиот сообраќај.
Во моментов се работи на реконструкција на „Ганчо Хаџипанзов”, „Караорман” на Водно и паркингот на „Палома Бјанка”, а во тек се и подготовките за отпочнување на уште еден капитален проект вреден 28 милиони денари. Станува збор за изведба на три крака на улицата „Новопроектирана” во Капиштец со вкупна квадратура од 2.336 м2 со што улицата „Козара” ја пробиваме кај ТЦ „Зебра”.
Оваа наша социјалдемократска офанзива е во насока да ги затвориме инфраструктурните проблеми во општината и конечно да воспоставиме нормален проток на сообраќај, безбеден за сите учесници во сообраќајот. Затоа, многу скоро започнуваме и со реконструкција на улиците „Велешка”,„Петричка” и „Мирче Оровчанец” како и на трите улици „Донбас”, „Андон Дуков”и „Алберт Ајнштајн” во населбата Дебар Маало.
Со тоа, за само неколку месеци во нашата општина ќе бидат реконструирани над 12.000m2 улици.
Паралелно со овие проекти, работевме и на изградба и обнова на детски и спортски игралишта.
Двете детски игралишта во градинката „13 Ноември” и Блок 9 во Градски Ѕид се веќе завршени, а третото зад Агромеханика е во завршна фаза. Целосно ја заменивме подлогата и поставивме нови реквизити, а пред стартот на новата учебна година, комплетно го обновивме и спортското игралиште во кругот на училиштето „Кочо Рацин” на Водно.
Драги Центарци, дадовме збор дека посветено ќе работиме во интерес на граѓаните да го направиме Центар подобро место за живеење.
За нас, Зборот важи!“