Бугарија е на второто место во НАТО според буџетот за одбрана во однос на бруто домашниот производ и веднаш зад САД, откако бугарската Влада уплатила една милијарда и двесте милиони долари за купување нови осум ловци Ф-16.
Како што пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ), оваа држава немала толку високи трошоци за одбрана во последните 16 години. Буџетот на бугарското министерство за одбрана за 2019 година изнесува една милијарда и 800 милиони евра.
На самитот на НАТО во Велс во 2014 година, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, рекол дека е потребно Бугарија да ги зголеми своите трошоци за одбрана.
Како што пренесува БНТ, добра вест е дека по години намалување на воениот буџет, сите сојузници на НАТО постепено ги зголемуваат трошоците за одбрана, со цел сите земји да ја достигнат целта од 2 отсто средства за одбрана во однос на БДП.
Од сите 29-членки на НАТО, најголем буџет за одбрана имаат САД, односно 3,42 отсто во однос на БДП, Бугарија 2,6 отсто, а следат Грција, Велика Британија, Естонија, Романија, Полска и Летонија.