Шеици и банкари купуваат од Јован виртуелно злато во „Воркрафт“

Македонецот Јован Пејовски од Нови Сад навидум е обичен млад човек, апсолвент на Вишата Техничка школа од истиот град. Но има необично хоби. Јован е гејмер кој заработува играјќи игри за странци. Клиенти му се деца на шеици, бизнисмени, банкари, но и постари луѓе кои не можат да поминат одредено ниво на некоја игра. Затоа го изнајмуваат Пејовски кои за кратко време со одреден надомест им овозможува да продолжат понатаму со играњето. Јован за 24 инфо вели дека од „гејмерството“ добро се заработува и дека во светот може многу добро да се живее од оваа професија.    

Со ова се занимавам релативно кратко време, вели Пејовски. Игрицата која ја играм за други и преку која заработувам се вика “World of Warcraft”. Станува збор за role-play игра каде секој играч си креира свој херој и играта почнува со ниво 1. Максимален број на нивоа кој може да се постигне со секој негов херој е 120 нивоа. Играта пости од 2004 година и е креирана од страна на компанијата BLIZZARD. Во неа се работат разни работи, се добива опрема, „левелување“ на херојот, разни групни работи со останатите игрици од сите делови на светот- вели Јован.

Во склоп на играта има „чет“ преку кој се врши комуникација помеѓу корисниците на играта, а исто така од неодамна постои и директен „воис чет“.  Доста играчи преферираат платформа”discord” преку која се прават сервери за комуникација.

Бидејќи играта е многу комплексна  и има многу работи кои секој играч треба да ги направи секојдневно кога ја игра игрицата, а тоа значи дека одзема многу време. Старосната граница на клиентите ми е од 12 до 50 години. Бидејќи сум долгогодишен играч веќе не ме привлекуваше само да трошам време седејќи и играјќи игрица, а за возрат да не добијам ништо за потрошеното време. Тогаш почнав да размислувам како да спојам убаво и корисно- вели Јован.

Тој вели дека тогаш и му се родила идејата како задоволството од играње да му донесе пари.

Прва работа која секој играч мора да ја направи во една игра е да го подигне  “левелот” на својот херој од првото до 120 ниво како би можел да ужива во останатите задоволства од играта. Тој дел е воглавно и најдосадниот и одзема доста време на сите играчи, а за возврат на тоа играчите не добиваат никакво возбудување од играта бидејќи играта воопшто не е ни почната. Вистинската игра почнува после периодот кога играчот ќе го подигне својот херој на 120 левел. „Левелувањето“ на херојот до крајното ниво трае и до две недели и бара многучасовно дневно играње. Тука доаѓа мојот делвели Пејовски.

Негова специјалност била исклучиво „левелување“ на последните 10 левели од ( 110-120 ).

-На просечен играч би му требале 9-12 играња да ја одработи таа работа, а мене ми треба само едно играње од 35 минути. Малку чудно звучи како можам да толку кратко време да постигнам резултат во однос на другите играчи, но подобрите гејмери знаат дека во секоја игра има трикови со кои лесно се поминуваат одредени пречки. Тие трикови го кратат времето на играње и секогаш настојувам да бидам максимално ефикасен- вели Јован.

Внатре во секоја игрица се наоѓа виртуелна валута во облик на злато која се користи за купување на разни работи кои се врзани за играта.

-На самиот почеток на моето играње, ако се договориме со клиентите тие ми плаќаат одредена сума на злато за да ги поминам последните 10 нивоа. За сите користам ист шаблон за  мапата внатре во играта и наместо играчот кој е регистриран јас ги правам работите кои се бараат за да се помине нивото побрзо. Првата идеја за да заработам ми беше да продавам  злато од играта за  вистински пари и така почнав- вели Пејовски.

Првите пари ги направил на тој начин. Собирал одредена сума на злато и потоа ја нудел за пари. Први муштрии му биле момци кои му плаќале со виртуелни пари од играта кои ги имале.

-На сите во играта им е потребно злато на секое ниво. Количините кои јас ги имав во одредени моменти беа преголеми и просечен играч не може да ги замисли. И така тргна бизнисот кој се развиваше во последните 5 месеци во кои работев- вели Јован.

Подоцна муштериите му плаќале дирекно со пари за да им заработи злато што е бенефит за него бидејќи не мора да работи дупла работа.

На овој начин дирекно ми плаќаа на „пејпал“ и не морав да препродавам виртуелно злато за да кеширам пари. На платформата дискорд развив свој канал каде ги повикав моите муштерии да станат членови. Таму ги добиваат сите информации, таму се договараме за се што треба. Првите три месеци работев на европските сервери, а подоцна кога сватив дека се развива работата почнав да работам со американските сервери бидејќи тие плаќаат двојно повеќе бидејќи таму се повеќе ценети виртуелните вредности- вели Пејовски.

Тој објаснува дека постојат и други начини да се заработи со играње на игрици. Треба само да си креативен, да имаш мотивација и да бидеш трпелив.

 

-Поединци од гејмерите креираат профили на други платформи и се снимаат или во живо го пренесуваат мониторот на кој играат. На ваков начин многу од нив си го пронашле животниот пат и на ваков начин заработуваат илјадници евра па дури и милиони- вели Јован.

За него многу е убаво чувството кога ги поврзуваш задоволството и работата. А посебно кога заработуваш на таков начин. Прва инвестиција од заработените пари му била нов компјутер. 

-Во работата треба да се вложува. Гејмингот е многу луда сериозна работа за сите кои сакаат да ја работат и од неа добро се живее. Треба да се стрпиш една година, да вложиш во своја самодисциплина, да знаеш добро англиски, но и да те бива за трговија. Ако имаш по малку од се можеш добро да живееш од тоа- дециден е Јован.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави