Музичката програма на „Охридско лето” продолжува со вечерашниот концерт на бугарскиот пијанист Димчо Величков.
Димчо Величков е роден во 1987 година во Стара Загора – Бугарија во семејство на музичари. Започнува да свири пијано на шестгодишна возраст, а само една година подоцна започнува да учи во класата на неговиот татко во музичкото училиште во родниот град. На девет години ја добива наградата „Млади надежи ” на IV Интернационален натпревар „Музиката и земјата” во Софија. Во 2002 година настапува во салата „Бугарија”, а една година подоцна е солист со оркестарот на Државната опера во Стара Загора. Во 2005 година ги започнува студиите на Универзитетот за музика и уметности во Виена во класата на проф. Франц Цетл, а дипломира во 2011 година во класата на проф. Маркус Праусе.
Концертно настапува во Бугарија, Полска, Кореја, Русија и Словачка. Во 2013 година на покана на бугарската амбасада и Културниот центар на Бугарија во Москва настапува на прославата на бугарската култура во главниот град на Русија. Димчо Величков настапува солистички, но и како дел од различни камерни состави соработувајќи со Клара Шуман-флејта, Улјана Левит-сопран, Фулвио Бертосо и Ина Петкова-виолончело, Маико Еномото-виолина, Михо Јамамура-пијано. Од 2017 година е ангажиран како професор по пијано на Конзерваториумот „Франц Шуберт” и на приватната музичка школа „Шмид и Цетлман”во Виена.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија” со почеток од 21 часот.