Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната свеченост што по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија се одржа во Армискиот центар за обука на вода, во Охрид. Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето.
Почитувани припадници на Армијата на Република Северна Македонија,
Ви го честитам 18 Август – Денот на Армијата!
Почитувани граѓани, почитувани присутни,
На денешен ден, на 18 август 1943 година, на Славеј Планина бил формиран првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди ‒Мирче Ацев.
Формирањето на оваа прва голема воена формација е особено значајно и токму затоа, по прогласувањето на нашата независност, 18 август е избран како ден на современата македонска армија.
На самите свои почетоци, Армијата започна скромно и во крајно неповолни услови и опкружување. Меѓутоа, за кратко време се консолидираше, а веќе во средината на 1990-тите отпочна со структурните реформи, со цел, да се трансформира во армија на идна земја членка на НАТО.
Членството во Алијансата е наш стар стратешки приоритет уште од почетоците на нашата независност, кога беше донесена Резoлуцијата за влез на земјата во НАТО, одлука која во 1993 година во тогашниот парламент беше поддржана од сите парламентарни партии. Во ноември 1995 го потпишавме Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, а две години подоцна бевме примени и во Евроатлантскиот партнерски совет. Во јуни 1996година ја отворивме Канцеларијата за врски, а при крајот на 1997-та и нашатаПостојана мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, се стекнавме со кандидатскиот статус за членство, по што започнавме со реализација на Акциониот план за членство.
До денес, оваа стратешка цел претставува еден од најголемите кохезивни фактори во нашето општество, поддржан од широк национален консензус зад кој стојат сите релевантни политички партии, огромното мнозинство граѓани од сите етнички заедници, а силна поддршка даваат и невладиниот сектор и бизнис-заедницата. По повеќе од две децении реформи и решавање на долгогодишниот спор околу името со Грција, со потпишување на Преспанскиот договор, дојдовме на само еден чекор до исполнување на целта за која напорно работевме толку години – Република Северна Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО.
Нашата армија, преку десетици ротации и учество на илјадници свои припадници беше и сè уште е дел од многу меѓународни воени мисии, со долгогодишно присуство во меѓународните операции во Ирак, Авганистан, Либан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и како клучен сегмент, долги години, од статусот на земја ‒поддршка на КФОР на Косово, покажувајќи дека можеме да бидеме интероперативни со армиите на сите партнерски земји и да ги исполнуваме обврските со цел ‒ придонес во колективните системи на одбрана и безбедност.
Патот кон НАТО е изоден преку макотрпни реформи, лични вложувања и максимална посветеност на генерации и генерации припадници на вооружените сили. Мажите и жените кои служат во нашата армија и во администрацијата која работи за поддршка на исполнување на одбранбените реформи сите овие години покажаа капацитет, човечки интегритет и истрајност, дури и во моментите кога се намалуваше одбранбениот буџет и во периодите кога политиката нè оддалечуваше од членството во НАТО.
Почитувани присутни,
Ние, многу одамна, решивме да ги прифатиме вредностите на Северноатлантскиот договор кој нè обврзува да ги чуваме „слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото”, како основа на системот на колективна одбрана и заштита на мирот и безбедноста. Со членството во НАТО ќе се зголеми нашата одговорност и кон граѓаните и кон сојузниците. Владеењето на правото е неопходен услов за функционирање на демократијата и за развојот на слободното општество. Затоа, наш апсолутен приоритет е да го издигнеме владеењето на правото во наша врвна вредност и да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и во државата. Само на тој начин ќе бидеме одговорен и сигурен партнер и на нашите НАТО-сојузници.
Реформите во одбраната и во безбедноста се постојан процес и ние ќе продолжиме со нив и по членството во НАТО. Почитувани војници и старешини, како ваш врховен командант сакам да ви кажам дека секогаш ќе ја имате мојата поддршка за опремување и модернизација на вооружените сили, но и за подобрување на условите за живот и работа. Еден од приоритетите во овие реформски процеси ќе биде насочен кон декларираните НАТО-единици. Во овој контекст, целосно ги поддржувам заложбите на Владата, како идна НАТО-членка да издвојуваме 2% од БДП за инвестирање во одбраната и во рамките на моите надлежности ќе направам сè, оваа цел да ја достигнеме во предвидениот рок ‒најдоцна до 2024 година.
Како врховен командант ќе инсистирам на подобрување на вашиот животен и професионален стандард. Како што вие одговорно, посветено и професионално го исполнувате вашиот дел од обврските, така и ние политичарите и носителите на одлуки мора да ја исполниме нашата обврска кон вас. Доволно е да се сетиме на вашиот несебичен ангажман при справувањето со елементарните непогоди, како и при обезбедувањето на јужната граница при соочувањето со огромните мигрантски бранови во 2015 и 2016 година.
Почитувани,
Сквадронот на транспортни хеликоптери од воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда е една од единиците со кои се гордееме. Сквадронот има особени заслуги и исклучителен придонес за јакнење на одбранбената способност, зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на нашата држава, како и за успешно претставување и афирмирање на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународни рамки.
Ефектот од реформите во Армијата е резултат на опсежните реформи кои ги правевме како резултат на стратешката определба да станеме членка на НАТО. Меѓутоа, во тој процес не бевме сами. На тој пат имавме постојан сојузник што нè потсетуваше на обврските, ги нудеше најдобрите решенија и нè охрабруваше да продолжиме со несмалено темпо. Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје скоро две децении ги поддржува и помага во реформите во одбранбениот сектор што беа неопходни за да ги достигнеме високите критериуми и стандарди за остварување на полноправното членство во НАТО. Благодарение на тие насоки и совети од нашите сојузници, реформите беа со додадена вредност. Имено затоа, денес имаме ефикасна и мобилна армија подготвена да се соочи и да ги извршува и најкомплексните задачи.
Тоа се главните причини зошто одлучив да ги одликувам Сквадронот на транспортни хеликоптери и Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје со Орден за воени заслуги. Тоа е нашата благодарност за нивниот труд.
Почитувани припадници на Армијата,
Вие многупати ја оправдавте довербата и на нашите граѓани и на нашите сојузници. Затоа, во нивно име, честитајќи ви го празникот, ви благодарам за професионализмот, посветеноста и дисциплината во извршувањето на задачите.
Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Северна Македонија!
Да живее Република Северна Македонија!
Почитувани, од линкот во продолжение можете да преземете видео материјал од обраќањето на претседателот Пендаровски: https://youtu.be/tvWL32I7iDE