Инспектори од Управата за јавни приходи на Грција, задолжени за контрола и борба со затајување данок, се претставиле како шпански туристи, изнајмиле луксузна вила на грчкиот остров Миконос со посредство на агенцијата за недвижнини и откриле дека сопственичката не пријавила ниту едно евро приход, објавија грчките медиуми.
Според истите информации, четворицата службеници, во операцијата „Villa Juanita Dolores”, користејќи ги имињата Хуанита, Долорес, Карлос и Антонио, од агенцијата за недвижнини побарале да им најде луксузна вила. По добиениот позитивен одговор, на Миконос пристигнале на 2 август и од нив било побарано, за шест ноќевања да платат 25 илјади евра. Тогаш го откриле нивниот вистински идентитет, дека всушност се службеници во Управата за јавни приходи и побарале од сопственичката на агенцијата за недвижнини да им достави податоци за туристите кои претходно биле сместени во вилата, а кои платиле 19. 200 евра за осум дневен престој.
„Шпанските туристи”, од претходно спроведената истрага, знаеле дека конкретната вила има високи цени, но и е пример за затајување данок.
Агенцијата за недвижнини која ја изнајмила вилата во април 2018 не пријавила ниту едно евро приход.
Управата за јавни приходи на Грција, за време на летниот период ги засили контролите на туристичките места, особено на грчките острови, во борбата со затајувачите на данок, jави дописничката на МИА од Атина.
Во текот на минатата седмица на Миконос поради неиздавање фискални сметки на 48 часа беа затворени три познати кафулиња, а од иста причина казна доби и бар на плажа на островот Крит.