Со две нови имиња, неколку помлади играчи и дел од ланскиот состав, полуфиналистот во Купот и Плеј-офот, КК Гостивар ги започна подготовките за престојната натпреварувачка сезона. На првата прозивка на тренерот Марјан Србиновски во салата „Младост” се појавија и двете нови засилувања: плејмејкерот Донован Доналдсон и крилниот центар Брион Брејди.
Шефот на стручниот штаб на сино-белите целиот циклус на подговотките планира да го спроведе во Гостивар и да одигра повеќе контролни натпревари.
– Денеска на паркетот е екипата која ја составивме за оваа сезона. Имаме неколку измени во играчкиот кадар, тука мислам на Брејди и Донован. По подобрување на физичката подготвеност, ќе одиме и на увежбување на тактичките замисли за оваа сезона. Во план е да се одиграат и неколку контролни натпревари. Очекувам во нареднвие десетина дена да се завршат и преговорите за уште еден странец, кој ни е потребен за позициите „4″ и „5″ и со тоа би го заокружиле ростерот. Кон целта ќе одиме чекор по чекор и со поддршка на публиката, се надевам дека ќе стигнеме до неа, изјави за МИА Марјан Србиновски.
Амбициите на клубот според тренерот Србиновски се влез во Супер лигата и да се искористи секоја укажана можност и за повеќе. Тој смета дека годинава лигата е поизедначена во квалитет со оглед дека, како што рече, во меѓувреме се засилија и Кожув, Пелистер, Фени и стандардно силните МЗТ и Работнички.
На првата прозивка пред околу двесте фанови на клубот се појавија: Милан Димитриески, Роберт и Ренато Димитриевски, Александар Костовски, Оливер Тасков, Диме Тасоски, Ивица Димчевски, Донован Доналдсон, Брион Брејди, Марко Пецаноски, Борис Дукоски, Роберт Срезоски, Кристијан Столески, Тома Стојаноски, Таулант Ибраими и Александар Ристоски.
Од екипата си заминаа Бојан Трајковски и Џо Фурстингер, како и разигрувачот Јурај Сегариќ.