Речиси 6.000 лица, минатиот месец биле уапсени во Грција за нелегален влез или излез од земјата, според податоците од грчката крајбрежна служба. Во 208 случаи, само во месец јули, крајбрежната служба уапсила 5608 лица за нелегален влез во земјата, додека пак во 77 случаи биле уапсени 358 лица за нелегален излез од Грција, jави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, крајбрежната служба уапсила вкупно 32 криумчари на мигранти, од кои 19 за нелегален влез во земјата, биле конфискувани 50 бродови за нелегален влез/излез (46/4) од Грција и откриени 109 фалсификувани документи за нелегално заминување од земјата.
Минатиот месец регистриран е рекорден број на нелегални влегувања во Грција преку морската граница. Во јуни биле уапсени 3855, во мај 2867, во април 2050, а во првото тромесечје од годинава, вкупно 5717 лица.