Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша денеска сподели нова видео-порака во која обвнува за „ грабежите направени од премиерот Еди Рама”.
-Еди Рама е уметник на измамата. Се што вети, се што рече е лага, со цел да краде. Секој проект, програма и политика на психичкиот крадец е измама за Албанците во служба на олигарсите. Еди Рама и олигарсите – ограбувачи не оставија ништо за обичниот граѓанин. Тие само крадат преку концесии, со тендери, со дозволи за градба, со специјални закони и на секој можен начин. Тие не дозволуваат никој друг да создава, конкурира, гради,…обвинува Баша во видео-пораката објавена на неговиот профил на Фејсбук.
Според Баша, Рама со семејството и пријателите за шест години украл милијарди евра. Албанија,наведува тој, е ограбена и уништена од Еди Рама со мал број бизнисмени-ограбувачи кои споделуваат пари и богатство едни со други.
-Вашите пари, парите на Албанците, ги краде психички крадец со семејството и пријателите. Тие се збогатуваат, а осиромашува обичниот и незаштитен народ. Секое трето албанско семејство нема што да јаде бидејќи нивните пари ги украде Еди Рама. Милијарди евра се украдени и злоупотребени од Еди Рама за шест години, наведува Баша.
За да се ослободи Албанија од оваа „банда” треба да си замине Еди Рама, наведува Баша и завршува со веќе познатиот слоган „Рама оди си. Албанија како Европа”.
Пред два дена Баша преку видео-порака обвини дека сите „меѓународни извештаи укажуваат на Еди Рама како најкорумпиран премиер на Балканот”.