Велика Британија порача дека во случај на Брегзит без договор, на 31 октомври веднаш ќе ја укине слободата на движење, што е заострување на ставот во однос на претходната влада, иако премиерот Борис Џонсон порача дека земјата нема да биде непријателски расположена кон имиграцијата.
Поранешната премиерка Тереза Меј, која Џонсон ја наследи на 24 јули, предвидуваше „транзиски период” дури и во случај Велика Британија да излезе од ЕУ без договор, што на европските граѓани ќе им овозможеше да патуваат во Велика Британија, за работа или студирање, без посебни чекори што во такви ситуации треба да се преземат.
-Слободата на движење, таква како што денеска постои, ќе заврши на 31 октомври кога Велика Британија ќе ја напушти ЕУ. По Брегзит владата ќе воведе нов и поправеден имиграциски систем во кој приоритет ќе бидат вештините и тоа како овие луѓе ќе можат да и придонесат на Велика Британија, а нема да биде местото од каде тие доаѓаат, изјави портпаролката на Даунинг Стрит
Деталите за новите правила за слободно движење наскоро ќе бидат познати, а ќе вклучуваат и построги проверки за евентуално криминалното минато на оние кои сакаат да влезат на островот.
-Тоа не значи дека ќе спречиме доаѓање во земјата и тоа не значи дека непријателски ќе се однесуваме кон имиграцијата и имигрантите, рече премиерот Џонсон за Би-Би-Си Радио Корнвел.
-Имиграцијата во Обединетото Кралство демократски ќе се контролира и ќе создадеме систем по примерот на Австралија, додаде Џонсон.
The3million, здружение кое ги претставува интересите на 3,6 милиони Европејци кои престојуваат во Велика Британија, изрази незадоволство од новата одлука.
„Тоа е неодговорно и ги отвора вратите за дискриминација генерално, напишаа тие на Твитер.