Францускиот претседател Емануел Макрон денеска, по средбата со рускиот колега Владимир Путин во тврдината Брегансон, порача дека е уверен дека иднината на Русија е врзана за Европа.
„Уверен сум дека иднината на Русија во целост е врзана за Европа. Веруваме во Европа која е раширена од Лисабон до Владивосток”, наведе Макрон на Твитер.
Тој додаде дека со Путин разговарале за шумските пожари во Сибир и топењето на пермафростот во тој регион.
-Русија се соочува со разорнувачки последици од климатските промени. Мило ми е што се одлучи да ја почне ратификацијата на Парискиот климатски договор, што е значаен симболичен потег и треба да го следиме тој пат, порача Макрон.
Руските медиуми додаваат дека лидерите на двете земји изразиле посветеност за воспоставување долгорочна стабилност во Либија и враќање на редот во земјата.
Околу ситуацијата во Сирија Макрон укажал на неопходноста од итен прекин на огнот во провинцијата Идлиб, во согласност со спогодбата постигната на состанокот во Сочи, на 17 септември 2018 година.
Средбата на двајцата претседатели, што се оддржа синоќа, траеше повеќе од 2,5 часа, соопшти прес службата на рускиот претседател.