Митрополитот црногорско-приморски Амфилохие денеска во врска со критиките што можат да се слушнат во Црна Гора, изјави оти е апсолутна бесмислица дека тој е експонент на некоја големасрпска, проруска идеја, наведувајќи притоа дека не е заинтересиран за политика, туку дека се грижи за народот, иако понекогаш може да му излета некој поостар збор.
„Мило Ѓукановиќ е човек политичар, тој е партиски човек, за него црквата е иста како партија. Тој не знае што е црква, не може ни да знае бидејќи не е крстен“, рече митрополитот Амфилохие во интервју за Радио-телевизија Србија (РТС).
Тој, исто така, истакна дека со признавањето на Косово како независна држава, црногорските власти направиле предавство на Црна Гора.
На прашањето за неговите врски со српскиот претседател Александар Вучиќ, митрополитот Амфилохие изјави дека се плаши од неговите изјави за некаква демаркација, бидејќи тој е за целовито Косово што припаѓа на Србија.
„Јас се грижам за луѓето, а не за политиката, не припаѓам на ниту една партија“, рече Амфилохие во интервјуто, нагласувајќи дека црногорските власти би сакале „партиска црква“.