Вкупно 165 милиони денари од денеска им се ставени на располагање на 12 општини за реализација на инфраструктурни проекти со кои се очекува да се подобри животот на граѓаните. Парите се обезбедени преку Проектот за подобрување на општински услуги што го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.
Од вкупните средства, 136,8 милиони денари се заеми по поволни каматни стапки под еден процент, а 28 милиони денари се грант средства.
Заеми добија Тетово, Кочани и Делчево кои средствата ќе ги искористат за изградба на улици. Во Тетово со заемот од 60,6 милиони денари ќе се продолжи булеварот „Видео Смилевски – Бато” кој е главната комуникациска артерија за товарниот сообраќај кој од Скопје, Тетово и Гостивар се движи кон граничниот премин. Во Кочани со вкупно 43,9 милиони денари ќе се финализира изградбата на 11 улици, од кои шест се во урбаниот дел, а пет во селата Тркање и Оризари.Во Делчево со 32,3 милиони денари ќе се изврши реконструкција на две постојни улици и една земјена улици во градот.
Грант средства добија општините Брвеница, Бутел, Дебрца, Гостивар, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново Облешево кои парите ќе ги искористат за изградба на водоводи, скејт парк, обнова на градинка, набавка на механизација и улично осветлување.
Договорите беа потпишани денеска во Министерството за финансии од страна на заменик-министерката за финансии Ширет Елези и градоначалниците на Тетово, Кочани, Делчево, Брвеница, Бутел, Дебрца, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново Облешево.
– Со спроведување на овие проекти, бенефит ќе имаат вкупно околу 200 илјади жители, а со тоа бенефит ќе имаат и жителите на планските региони, истакна Елези.
Според градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, проектот што ќе се реализација во нејзината општина е од исклучително значење за сите граѓани од Полошкиот регион. Во обраќањето по потпишувањето на договорите, Арифи рече дека секоја општина мора да биде кредитноспособна за да може да аплицира за вакви проекти.
За градоначаникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, со реализацијата на ваквите локални проекти се подобруваат условите за живеење на сите граѓани.
Вкупниот износ на Проектот за подобрување на општинските услуги достигна 100 милиони евра. Досега се финансирани над 230 капитални проекти во сите општини во државата.