Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вели дека не чувствува вина за случајот „Рекет”, но на петчасовниот распит вчера во Обвинителството за организиран криминал за случајот беше во придружба на адвокатот Стеван Павлевски.
Шефицата на СЈО во оставка Јанева, на влез во ЈО, пред новинарите изрази очекување дека нејзиниот исказ ќе помогне да се забрза истрагата за „Рекет” и потсети дека таа се уште е специјален обвинител и дека нејзините колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд.
По петчасовниот распит во ЈО, иако Јанева пред новинарите застана расположена за зборување, поголемиот дел од комуникацијата беа новинарските прашања.
Јанева рече дека „засега не може и не смее” да каже дали е нејзиниот гласот на објавената видео снимка со Јордан Камчев, дека „не знае” дали истрагата ќе се прошири и на неа, како и дека „не знае” дали има инволвирано некој политичар во случајот и дека „има време да се објасни” зошто предложила спогодба за осомничените за „Империја” и „Поштенска банка”.
Досега во врска со случајот во Обвинителството искази дадоа во својство на сведоци тројца обвинители од СЈО Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми, но како единствени осомничени се уште се Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои се наоѓаат во притвор.
На распит во ООК беше донесен и второосмничениот Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Под сомнение за изнудување пари Бојан Јовановски и Зоран Милески беа уапсени на 15 јули, по што им беше одреден притвор. Случајот доби и интернационална димензија, откако интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита” во 8 август објави видео снимка, а подоцна и снимени разговори во врска со случаите „Рекет” и „Империја”.