Џефри Епштајн, богаташ кој неодамна заврши во затвор под обвинение дека бил вмешан во педофилски секс-скандал, по што изврши самоубиство во затворска ќелија, назначил резервен извршител на неговиот тестамент.
Тоа е Борис Николиќ, поранешен советник на Бил Гејтс по потекло од Хрватска. Николиќ бргу се оградил од назначувањето на Епштајн велејќи дека е шокиран од ова и дека никој не го консултирал за целата ситуација. Тој додал дека воопшто немал намера да ги исполни обврските на извршител на тестаментот.
Николиќ исто така рече дека Епштајн никогаш не го финансирал, а нивната врска останува нејасна, пренесува „Дејли мејл“.
Во 2015 година Николиќ и Бил Гејтс ја основаа „Едитас медицин“, фирма за уредување геноми во вредност од 120 милиони долари.
Во тестаментот на Епштајн се спомнуваат четири лица. Неговиот брат Марк, долгогодишниот пријател Ричард Кан, адвокатот Дарен Индајк како извршители на тестаментот. Тој го навел Николиќ како резерва.
Богатството на Епштајн се проценува на повеќе од 577 милиони долари, речиси 20 милиони повеќе од вредноста што тој ја пријави минатиот месец.