Австралискиот премиер Скот Морисон објави дека неговата земја им се придружува на Соединетите Американски Држави во „обезбедување на безбедна навигација“ во Ормускиот Теснец и ќе испрати ограничен воен контингент во Персискиот Залив.
„Треба да дадеме свој придонес во меѓународната мисија за одржување мир и безбедна пловидба во Ормускиот Теснец“, рече Морисон.
Тој истакна дека околу 25% од нафтата доставена до Австралија поминува низ теснецот.
Како дел од воената мисија во Персискиот Залив ќе бидат испратени еден воен брод, авиони за набљудување и ограничен контингент на авиони и офицери на австралиската армија.
Велика Британија на 6 август објави дека се приклучува кон американската коалиција во Ормускиот Теснец.
Соединетите Американски Држави најавија создавање поморска коалиција откако Иран заплени британски танкер, поради наводно кршење на поморскиот закон и напад на непознати сили на бродовите во Персискиот Залив, тврдејќи дека целта ќе биде „да се обезбеди безбедност на навигацијата“ преку клучна рута за извоз на нафта.